Нема да има правда сè додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои стојат коруптивни мотиви, рече денеска претседателот Стево Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.
„..сите наши напори ќе паднат во вода ако правосудните органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено своите сè уште неродени деца и внуци. Нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, меѓутоа нема да има правда и сè додека на слобода се судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои верoјатно стојат коруптивни мотиви“, кажа Пендаровски.
Претседателолт рече дека „не треба да има само апсења за јавноста, туку изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото. Но, истовремено да се почитува пресумпција на невиност, да не ги осудуваме луѓето во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд“.







