Околу 2.500 компании и општини имаат уште десетина дена да се вратат од регулиран на отворен пазар

Околу 2.500 компании и општини имаат уште десетина дена да се вратат од регулиран на отворен пазар. Некои од нив отворено се изјаснија дека немаат намера повторно да плаќаат струја по повисока берзанска цена, бидејќи не прекршиле никаков закон. Откако Владата со одлука им наложи да се вратат назад на слободен пазар по Нова Година, а тие упорно одбиваат, сега министерот за економија Бектеши ќе бара други решенија. Дециден е дека фирмите „шемаџии“ кои на разни начини се обидоа да го изиграат системот ќе успее да ги стави во ред. Уверува дека ако треба ќе го промени и законот, бидејќи трошокот на крај ќе падне на грбот на граѓаните.



Огромни долгови за струја немаат само бизнисите и општините, туку  и државните институции. Долговите достигнаа и до 40 милиони евра. ЕВН започна на кратко со исклучување, а Владата експресно реши со прераспределба на буџетски пари да им помогне да ги платат сметките за струја. Сепак, не се одвои ниту половина од вкупната сума што се должи, туку едвај 16 милиони евра. Министерот за транспорт Бочварски рече дека одвоиле пари за да се платат половина од заостанатите сметки за струја на МЖ Транспорт, кој заедно со Клиничкиот центар има најголеми долгови за струја кон ЕВН.

Министерот за економија пак уверува дека цената на струјата за домаќинствата ќе остане непоменета, а ќе се намали за малите потрошувачи. Конечната одлука за цената на струјата треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика најдоцна до крајот на месецов.