По успехот со Албанија, Бугарија се врти кон Косово, барајќи да ги признае Гораните за бугарско малцинство, потврди Петар Харалампиев од Државна агенција за Бугарите во странство.
„Бугарија беше меѓу првите земји што го признаа Косово како држава. Ние сакаме Бугарите во Косово да бидат признати за малцинство со цел да им помогнеме да живеат подобро и да имаат подобри можности да го учат својот мајчин јазик и да ја зачуваат својата култура“, изјави Харалампиев за балканската истражувачка мрежа БИРН. „Бугарија може да му помогне на Косово во неговата европска интеграција. Косово може силно да профитира од бугарската поддршка“.
Членот на малиот коалициски партнер во бугарската Влада, националистичката Обединети патриоти, под бугарско малцинство во Косово ги подразбира Гораните, кои ги проценува на околу 50.000 во областа и меѓу иселениците во поголемите западноевропски градови. Тој додава дека минатата среда парламентарниот Комитет за Бугарите што живеат во странство остварил средба со претставници на горанската заедница во Косово „што се идентификуваат како Бугари“.
„Тие се браќа, сестри, братучеди и во крвно сродство со етничките Бугари во Албанија и ги заслужуваат истите права“, додава Харалампиев, кој е оптимист дека косовските Горани „многу наскоро“ ќе бидат признати за бугарско малцинство во најмладата држава на Балканот.





