Празници се ближат – „економска инфузија“ во повеќе градови

Празниците се ближат, а печалбарите почнаа да се враќаат дома, што ќе донесе извесен економски потстрек во градовите во Македонија. Граѓаните кои се враќаат од странство, трошат по ресторани, кафулиња,  бутици, продавници, со што ја помагаат локалната економија. Вообичаено дел од македонските градови живнуваат во периодот од 22 декември до 7 јануари, но и во летен период во месец август.



„Нормално дека има ефект за економијата. Тоа е еден вид на „инфузија“ за економијата, не за да преживее, туку да се освежи. Тие луѓе одат по ресторани, кафулиња, пазарат по маркети, одат во продавници за бела техника и купуваат апарати за домаќинство. Печалбарите доаѓаат за да слават со своите најблиски“, вели Фисник Сарачи, раководител на Занаетчиската комора во Дебар.

И во Општина Центар Жупа сметаат дека околу 1.000 луѓе од Италија, Германија и други држави ќе си дојдат за Нова година во родниот крај за да бидат со семејството. Велат ќе биде раздвижено затоа што секоја трета куќа практично има луѓе кои се на работа во странство и периодов се враќаат дома.

„Најголем дел се во Европа. Тие луѓе тука трошат, градат куќи и не ги прекинале врските со своите корени. Голем број печалбари има од поголемите села како Новак, Голем Папрадник, Броштица“, додаваат од локалната самоуправа.

Дуќанџиите од градот Македонска Каменица велат дека минимално зголемување на потрошувачката ќе има поради доаѓањето на гастарбајтерите, но додаваат дека сега и во западните земји има инфлација и сите се принудени да штедат.

„Ќе има некои промени, но не многу затоа што следиме каква е состојбата и во Германија и таму има криза. Убави години беа 1992, 2000, 2005 година, а сега не сме на тоа ниво и се чувствува голема разлика. Јас го намалив бројот на вработени и едвај опстануваме сега затоа што е полошо“, вели сопстевничка на бутик во градот.

Од кафулињата во Берово објаснуваат дека пикот е од 25 декември до Божиќ, а во тој период прометот се зголемува за 30 отсто. Деновиве како што соопшти АМСМ на Табановце имаше мал застој, односно за влез патниците чекаа по 25 минути. На граничниот премин Табановце очекуваат дека наредните денови ќе има поголема фреквенција.  Во деновиве кога има голем метеж, по неколку илјади патници остваруваат влез во земјава.  Претходните години пред празниците на овој граничен премин  имаше колони возила и патниците чекаа и по еден час за да влезат во Македонија.