Српски пратеник очекува одговор од Македонија за купувањето ракети С-300

Најавите дека Србија ќе купи четири батерии со ракети С-300 и уште шест борбени авиони „миг 29“ ќе предизвикаат реакција и од Македонија, очекува пратеникот Владимир Ѓукановиќ од Српска напредна странка на претседателот Александар Вучиќ.



„Сигурно е дека секој од соседите ќе има некој свој одговор, посебно што се членки на НАТО-пактот и имаат колективна безбедност. Се планира и Македонија да влезе во НАТО, сигурно е дека ќе има некаков одговор. Меѓутоа, треба да потсетиме дека Србија не почна да се наоружува прва, најпрвин тоа го направи Хрватска, па нашата држава го даде својот одговор. Ќе видиме, сето тоа е во доменот на геополитичките и на геостратешките движења и поместувања“, изјави Ѓукановиќ за магазинот „Ало“, кој вчера објави дека наведената воена зделка ќе се реализира во март, кога Вучиќ и белорускиот претседател Александар Лукашенко ќе потпишат договор за купопродажба.

Политичкиот аналитичар Бранко Радун, пак, за магазинот го постави прашањето дали НАТО во 1999 година воопшто ќе ја бомбардираше Србија ако таа ги имаше тогаш системите С-300.

Станува збор за долгострелен противвоздушен систем од ракети земја-воздух, кој стана дел од некогашната Советска армија во 1979 година. Наменет е за одбрана од авиони и од крстосувачки проектили, а уништива цели на далечина до 150 километри.