Продолжува навиката на градоначалничката Данела Арсовска да не информира за она што ги интересира граѓаните. На пример, за новогодишното украсување на Скопје. Па така, само оние кои случајно викендов поминуваа на градскиот плоштад видоа дека таму „никнала“ елка.
Таа најави дека за тоа и за сето она што ќе се случува на градскиот плоштад за новогодишната ноќ ќе соопшти на прес конференција. Досега немаше, ниту има најава дали оваа „фамозна“ прес конференција ќе се случи.
Во меѓувреме на една од телевизиите градоначалничката кажа дека Скопје се украсува и дека тоа се прави дури и во моментот додека таа зборува. Како што посочи Арсовска поради кризата украсувањето ќе биде скромно и дека градот не успеал да купи сопствени украси, како што планираше градоначалничката минатата година.
Овозможивме оваа година да има новогодишен базар кој ќе биде поставен во центарот на градот. Ќе има дополнителни забавни содржини, ќе има мини забавен парк во централното градско подрачје и се она што традиционално треба да го има една метропола и верувам дека граѓаните ќе бидат задоволни – рече Арсовска.
Од она што во моментов можеме да го видиме е дека на градскиот плоштад има елка, поставена на средината помеѓу дрвените куќички, каде се одржува новогодишен базар, односно се продаваат пијалаци и украси. Од елката над куќарките се простираат светилки. На плоштадот има и мини забавен парк за најмладите. И тоа засега е сѐ, а дали ќе има уште ќе видиме во наредните денови до празниците затоа што Арсовска не кажува.
Сѐ уште е неизвесно и каква новогодишна прослава ќе има на плоштадот и кој ќе настапи. Градоначалничката спомена дека ќе бидат домашни изведувачи, но дека дополнително ќе информира за тоа. Не се знае ниту дали годинава ќе дојде Дедо Мраз на плоштад и дали ќе има некаква претстава за најмладите.
До Новата година останаа уште десетина дена, а градоначалничката Арсовска колку и да не сака, мора на граѓаните да им одговори колку чинеше скромното новогодишно украсување и кој го изведе, кој ќе ја организира прославата на празничната ноќ на плоштадот и колку и од каде ќе се платат изведувачите.
Извор: СП.мк







