ВМРО-ДПМНЕ: Да не се поскапува струјата за 5 отсто, граѓаните да не плаќаат за криминалот и и расипништвото во Владата и ЕСМ

„Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ поднесоа повеќе закони во текот на оваа недела, кои се во интерес на граѓаните. ВМРО ДПМНЕ бара Владата да се откаже од идејата сметките за струја да се покачат за 5 проценти од Нова година.“ – објави информативниот портал „Пресинг ТВ.“

„ВМРО ДПМНЕ порачува: ‘Со првиот закон бараме Владата да се откаже од идејата сметките за струја да се покачат за 5 проценти од Нова година, односно за речиси 13 проценти од 1 јули 2023-та година. Данокот на додадена вредност за електричната енергија за домаќинства да продолжи да биде 5 отсто во текот на целата идна година. Власта нека намали со купувањето струја од сомнителни фирми, нека се справи со криминалот и корупцијата, кои извираат од АД ЕСМ и така ќе може граѓаните и во иднина да плаќаат иста цена на струја, која и онака е висока. Домаќинствата секој месец преку сметките за струја го плаќаат криминалот, корупцијата и неспособноста на Димитар Ковачевски, Крешник Бектеши и Васко Ковачевски.“

„Најголемата опозициска партија натаму укажува: ‘Вториот закон се однесува на мерката ‘Викенд без данок на додадена вредност’. Предвидуваме секој викенд додека трае кризната состојба, а тоа е 30-ти април 2023-та година, за купените прехранбени производи граѓаните да добијат целосен поврат на платениот данок на додадена вредност Државата прибира огромни средства по основ на зголемени цени, ред е да им помогне на граѓаните. Не бараме премногу, само данокот за храната да го вратат кај граѓаните. Само грст луѓе од Влада ќе купуваат ајкули, делфини и китови, сите останати ќе купуваме леб, зејтин, млечни и сувомесни производи и.тн.“

„Со третиот закон бараме износот на субвенција за студентскиот оброк да се зголеми од 120 на 160 денари. Инфлацијата кај храната е 30 отсто и повеќе од неопходно е да се зголеми овој износ. Загрижувачка е веста дека само оваа академска година 800 студенти од Македонија се запишале на Универзитетот во Љубљана. Неквалитетното високо образование и катастрофалниот студентски стандард се причините за ваквите одлуки на студентите. Човек да помисли дека власта намерно го уништува високото образование за младите да се мотивирани да се иселуваат.’ – предупредува ВМРО ДПМНЕ.“

„Водечката партија на опозицијата во Македонија ги повика власта и мнозинството да ги прифатат овие предлог- закони, како што се наведува, ‘без дополнителни игри и одлагања’, нагласувајќи: ‘Крајно време е граѓаните да бидат приоритет на власта, наместо криминалот, корупцијата и расипништвото.“