Грција ќе покрива 10% од трошоците за храната за секое семејство

Премиерот Киријакос Мицотакис најави уште една мерка за справување со инфлацијата, пренесе „Катимерини“.



„Од февруари следната година, државата ќе покрива 10 отсто од набавките на секое домаќинство за шест месеци во супермаркетите и претпријатијата за производство на храна (пекари, кондиторски производи, рибници)“, изјави премиерот пред парламентот пред гласањето за државниот буџет за 2023 година.

Поединците ќе добијат најмногу 220 евра, а за многудетните семејства со повеќе членови, вкупната сума ќе биде ограничена на 1.000 евра.

Мерката ќе чини 650 милиони евра (690 милиони долари), рече Мицотакис што многумина го протолкуваа како предизборен потег. Изборите во Грција се закажани за јули 2023 година, но премиерот рече дека тие би можеле да се одржат на пролет.

Мицотакис, исто така, рече дека субвенциите за електрична енергија и природен гас ќе останат во сила.

„Вкупно над осум милијарди евра ќе бидат распределени на национално ниво“, рече тој.