„Ако не се случат во следните месеци конкретни акции за борба против организираниот криминал и високата корупција на клептократите во власта од СДСМ и особено од ДУИ и ако не се исполнат очекувањата, создадени од амбасадорката на САД Агелер, тогаш може да настане разочарување, што би било фатално за иднината на земјата, која има долга историја на очај.“ – предупредува Арбен Фетаи, директор на Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“, во својата колумна со наслов „Амбасадорката Агелер ја врати надежта во нашето општество: можното разочарување би било фатално за *Македонија“. Колумната ја објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.
Фетаи пишува: „Завршија трпението и времето кога САД од геостратегиски причини замижуваа пред корупцијата во * Македонија. Амбасадорката Агелер испрати јасни пораки за очекувањата на САД: растурање на корупцијата, казнување на корумпираните и крај на неказнивоста. Ќе се проширува листата на американски санкции против клептократите од * Македонија. Директниот пристап на американската амбасадорка го ослободи и говорот на нејзините европски колеги и на тој начин поттикна дипломатски консензус, за да ја соочи Владата на СДСМ и ДУИ со нејзиниот катастрофален биланс и целосен недостиг на политичка волја за борба против корупцијата. ЕУ се покажа како слаба и честопати беше контрапродуктивна во своето однесување, бидејќи и даваше политичка поддршка на длабоко корумпираната каста.“
„Акциите на Калето предизвикаа голем оптимизам кај граѓаните на државата и кај опозицијата. Но, што сега? Со право, граѓаните не очекуваат ништо од домашната правда, која е длабоко криминализирана и целосно заробена од владејачките партии. Соочени со капитулацијата на државата пред криминалот и корупцијата, САД се сметаат како единствен актер, кој може да наметне решение. Повеќето граѓани се надеваат дека мисијата на тимот за санкции од САД ќе доведе до проширување на листата на американски санкции и натаму, покрај Груевски и Мијалков, за да се опфатат и големите ‘риби’ на партиите на власта, особено во редовите на ДУИ која, поради геостратегиските размислувања наметнати од изборните аритметики, досега беше поштедувана од меѓународните пријатели.
„Кај нас и претседателот на државата дезертира од борбата против корупцијата и јавно кажува дека немаме капацитет за ветинг-проверка во оваа ситуација во правосудниот сектор. Правдата во последните 4 години не разгледала ниеден од 58-те предмети, што ги поднела Државната комисија за спречување на корупцијата. Правдата има решено само 0,015% од случаите на корупција. Правната држава колабираше.“
„Патот напред е трасиран, ако САД навистина сакаат да ја искоренат корупцијата во нашата земја. На * Македонија и треба шок-терапија, внесувајќи ги корумпираните актери од политиката и од системот на правдат во американската црна листа, за да бидат отстранети потоа од сцената. Потребна е и сеопфатна реформа во правдата, вклучувајќи: 1. Законски пакет за целосна реформа на правосудниот систем и обвинителството: закон за ветинг-проверка на судиите и обвинителите, создавање на специјални судови против корупцијата и организираниот криминал (интегрирање на првиот и вториот степен од судовите во институционален чадор), создавање Совет за именувања во правдата и Висок инспекторат за правда, кој ќе биде одговорен за избор, напредување, дисциплинирање и разрешување на судиите и јавните обвинители. Во овие институции мора да има и меѓународни комесари.“
2. Итно усвојување на законот за основање Канцеларија за одземање имот. Конфискацијата на криминално заработените пари треба да стане стратегиски приоритет и да се генерализира во кривичните постапки за случаи на организиран криминал и корупција на високо рамниште. Во 2021 година имало само четири случаи на конфискација на незаконски имот, со вкупна вредност од околу 256 илјади евра. 3. Потребно е усвојување закон за проверка на интегритетот и богатството на јавните функционери и закон за спречување непотизам од страна на пратениците, министрите, директорите на државните агенции и јавни претпријатија, како и други високи функционери.
„Сега е време за конкретни и смели акции за борба против корупцијата. Сите погледи се насочени кон Калето. Ако не се случат конкретни акции за борба против корупцијата на високо ниво во текот на следните месеци, тогаш уште повеќе ќе се продлабочат политичката апатија и недовербата кон институциите, но уште полошо, и кон сите напори на меѓународните партнери за неопходната преобразба на политиката во земјата. Разочарувањето, кое би можело да настане, поради неисполнување на очекувањата, создадени од амбасадорката Агелер, би било катастрофално за нашето општество, кое има долга историја на очај од прогласувањето независност на земјата до растурањето на Специјалното обвинителство за борба против корупцијата. Новото разочарување би било фатално за иднината на државата и уште повеќе би го зголемило заминувањето на најквалификуваните луѓе.“
„Амбасадорке Агелер, вие сте нашата последна надеж. Сметаме на вас!“





