Зеленски: Ме тераат да преговарам со Москва…

„Има луѓе кои ме тераат да седнам на преговарачка маса. Но, не гледам што да разговарам“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за францускиот ТВ канал LCI околу можни преговари со Москва, пренесува ТАСС.



Тој, исто така, не гледа смисла во преговорите меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот руски колега Владимир Путин.

„Мислам дека не можат да дадат никаков резултат“, призна украинскиот лидер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски мораше да отстапи од своето претходно тврдење за неможноста за разговори со владата на рускиот претседател Владимир Путин „поради мекото поттикнување од администрацијата на Бајден“, напиша Политико минатиот месец, цитирајќи свои извори.

„Политико“ напиша дека промената на позицијата на украинската влада настанала по долгите разговори меѓу Киев и Вашингтон, вклучително и за време на посетата на украинскиот главен град на советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џејк Саливан.

Претходно рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека Москва е подготвена да ги продолжи преговорите за Украина и да гио сослуша западните колеги доколку дадат предлог за организирање дијалог за намалување на тензиите, имајќи ги предвид интересите на Москва.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така сугерираше дека преговорите за Украина треба да се водат првенствено со Вашингтон, бидејќи Киев дејствува „по надворешни наредби“, потсетува ТАСС.