Руската војска лансирала 60 проектили и извршила напади со дронови ширум Украина денеска, гаѓајќи го главниот град Киев, но и други градови во северниот, јужниот и западниот регион во државата.
Двајца луѓе биле убиени, а пет се ранети кога еден станбен блок бил погоден во местото Кривји Рих, во централна Украина.
Руските напади оваа недела се интензивираа, при што Кремљ продолжува да ја таргетира украинската инфраструктура. Градот Харков е целосно оставен без електрична енергија, како и повеќе други региони.
Звукот на сирените за предупредување од воздушен напад се слуша денеска во целата држава, а портпаролот на украинските воздушни сили Јуриј Игњат потврди дека вкупно 60 проектили биле лансирани, а меѓу нив биле употребени и дронови.
Покрај Харков, целосно без електрична енергија е и регионот Суми во близина на украинската северна граница со Русија, како и градовите Полтава и Кременчук.
Од средината на октомври, Русија досега лансирала повеќе од 1.000 проектили и ирански дронови.
Украинскиот премиер Денис Шмихал претходно оваа недела изјави дека во руските воздушни напади била оштетени сите термо и хидроцентрали во државата, предизвикувајќи широко раширени рестрикции и прекини во греењето и снабдувањето со вода.
Во некои региони, граѓаните имаат струја само неколку часа во текот на денот.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди дека во главниот град биле погодени три региони и дека како последица, загрозено е снабдувањето со вода, додека не функционира ниту метрото.
Украинците сметаат дека Русија подготвува и нова голема офанзива на боиштата, која би можела да се спроведе на почетокот на наредната година, за што се подготвуваат, според нивните проценки, околу 200 000 свежи трупи.





