Почина Синиша Михајловиќ, кралот на слободните удари

Српската и ексјугословенска фудбалска ѕвезда Синиша Михајловиќ почина на 53 години по долго и тешко боледување.



Зад себе ги остави сопругата Аријана и петте деца, три сина и две ќерки, а во октомври 2021 година стана дедо на девојче.

Во јули 2019 година Михајловиќ откри дека боледува од акутна леукемија, но остана на местото тренер на Болоња. По три циклуси на хемотерапија, тој беше подложен на трансплантација на коскена срцевина. За цело време продолжи да работи како тренер, за во последните неколку месеци неговата состојба да се влоши.

Михајловиќ е роден на 20 февруари 1969 година во Вуковар. Израснал во локалното Борово, каде што се професионирал во 1986 година. Две години подоцна се пресели во Војводина во Нови Сад, а во 1990 година пристигна во Црвена звезда со која стана европски и светски шампион. По две сезони минати на „Маракана“ се пресели во Италија каде што го стекна статусот на еден од најдобрите дефанзивци во Серија А додека настапуваше за Рома, Сампдорија, Лацио и Интер.

Беше специјалист за слободни удари и пенали, а важи за еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во историјата на фудбалот. Го дели рекордот со Андреа Пирло за најмногу голови од слободни удари во историјата на Серија А – 28.

Со Лацио и со Интер беше шампион на Италија, а со римскиот клуб ги освои и Купот на победниците на куповите и Суперкупот на УЕФА.

Прогласен е за најдобар фудбалер на Југославија во 1999 година.

За репрезентацијата одигра 63 натпревари и постигна десет гола.

Како тренер ги водеше Болоња, Катанија, Фиорентина, Сампдороја, Милан, Торино, Спортинг и на крајот Болоња.

Беше и селектор на Србија, а во 2019 година доби и признание за тренер на сезоната.