Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија е на став дека „во интерес на граѓаните на земјата“ е повторното отворање на Уставот, кое, иако болно, „воопшто не е проблематично“ во однос на содржината!
„Како што кажа и сојузниот претседател во Собранието: Северна Македонија толку долго работеше на својата европска иднина, следната година би требала да ја спроведе ветената измена на Уставот, којашто содржински впрочем не е проблематична. Сите кои ја сакаат оваа европска иднина и сакаат да избегнат понатамошни одложувања би требало да гласаат за уставната промена“, порачале од Амбасадата за порталот „Локално“.
„Разбираме дека е болно што повторно треба да се измени уставот, но овој чекор е во интерес на граѓаните на земјата, бидејќи реформскиот процес на патот кон ЕУ не е цел за себе: реформите ќе го подобрат животот на луѓето, успешен реформски процес значи подобра правна држава, потиснување на корупцијата, поголема транспарентност во јавната администрација вклучително и при доделувањето на позициите, почиста животна средина благодарение на сукцесивно воведување на европските норми итн“, додаваат од германската Амбасада, нагласувајќи дека „Германија ќе ја поддржи уставната промена најдобро што може“!





