Босански министер го прогласи Дедо Мраз за – непожелен

Един Рамиќ, министер задолжен за бегалци и прогонети во владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, ѝ забрани на синдикалната организација во „неговото министерство“ да организира новогодишна забава за децата со Дедо Мраз, бидејќи тоа – ги навредува верските чувства на некои негови вработени, дознава Индекс.хр



Рамиќ, кој беше назначен за министер како член на Бошњачката партија за демократска акција (СДА), одговори негативно на барањето на синдикатот министерството да организира забава за децата со делење пакети со подароци.

Како одговор на барањето, Рамиќ побара синдикатот, пред да организира делење на новогодишни пакетчиња за децата, да ги анкетира вработените во министерството и да се изјаснат дали тоа ги навредува нивните верски чувства.

Оваа порака предизвика низа реакции и осуди, а членот на собранието на округот Сараево Игор Стојановиќ (СДП БиХ) на социјалната мрежа напиша дека Рамиќ е познат како националист, па затоа неговото исфрлање на Дедо Мраз од министерството не е изненадување, пренесува хрватскиот портал.