Сега веќе разрешената директорка на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска, до вторникот даваше изјави за медиумите за контролата на високите цени на основните производи, а вчера беше разрешена од Владата и на нејзино место беше назначен Горан Трајковски.
Беше контактирана од медиумите, но не сакаше да зборува за причините поради кои е разрешена. Појаснување немаше ниту од Владата, а денеска премиерот Димитар Ковачевски единствено рече „дека секогаш има подобри индивидуални решенија“.
– Директорката на пазарен е искусна во својата дејност, но сметавме дека е потребен нов кадар кој ќе внесе нова мотивација во работата, и ќе донесе нови резултати, што не значи дека Анета била лоша во својата работа, но дека секогаш има можности за подобрување, рече Ковачевски пред новинарите кога беше запрашан за разрешувањето на првиот човек на ДПИ.
Изминатиот период имаше голем притисок од јавноста за намалување на цените во малопродажбата, особено по намалувањето на цените на горивата и добивањето на поевтина струја за прехранбените компании. Министерството за економија на чело со министерот Крешник Бектеши често знаеше суптилно одговорноста да ја префрли на пазарниот инспекторат и да каже дека од таму се очекуваат резултати во однос на тоа дали се намалени цените и профитните маржи, како и евентуални казнувања, кои барем досега ги немаше. Генерално, и на двете страни аргумент им беше тоа што маркетите се уште чуваат залихи по стари набавни цени.
Линк до целата анализа на Фактор.мк.






