Вицепремиерката се повлече, не иницирала смена на Јовески на денешната владина седница

Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска на денешната седница на владата не побарала смена на државниот обвинител Љубомир Јовески.



Владини извори тврдат дека воопшто не станало збор за смена на државниот обвинител Јовески кој беше избран од Собранието на предлог на владата.

Ова сценарио беше во оптек откако Грковска на интервју остро го нападна Јовески противејќи се тој да стане уставен судија и обвинувајќи го за лошо вршење на својата обвинителска работа.

Судирот меѓу Грковска и Јовески во кругови блиски на Бихаќка се објаснува како судир меѓу две спротивставени крила во СДСМ на кои им припаѓаат вицепремиерката и државниот обвинител.

Дали Грковска се уплашила дека Јовески може да и се одмазди како јавен обвинител со нејзин или прогон на нејзини блиски или пак се работи за примирје во СДСМ засега нема објаснување.

Ако Грковска навистина сметала дека Јовески не ја врши својата работа таа како втор човек во владата можеше денеска на владината седница да побара негова смена или самата да се повлече од функцијата во знак на протест.

,,Не сметам дека Јовески треба да биде уставен судија. Затоа што, она што требаше да го направи како Републички јавен обвинител, не го постигна на таа позиција и не гледам причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија”, рече Славица Грковска, потпретседателка на владата задолжена за политики на добро владеење, во интервју за ТОП Тема на Телма.

Обвинителот Љубомир Јовески смета дека вицепремиерката се вмешала во ингеренциите на Собранието, кое предлага уставни судии.

,,Со нејзините навидум лични искажувања директно се меша и ја загрозува самостојноста на обвинителството, тврди Јовевски и бара пренамена на парите издвоени за кабинетот на вицепремиерката.

Можеби и мое лично мислење е дека ќе биде подобро и поцелисходно доколку издвоените финансиски средства за функционирање на Кабинетот задолжен за политики за добро владеење се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо да се трошат за дебати и конференции со занемарлив ефект, но како носител на функцијата Јавен обвинител немам право јавно да ја промовирам оваа лична теза, бидејќи Владата сметала дека е потребно вакво тело”, стои во реакцијата на Јовевски, објавена на веб сајт на обвинителството.