За 25 дена во ноември ЕСМ во своите 4 блокови на двете термоцентрали произвел 178.500 мегаватчасови струја што значи дека, просечно на час, успеал да стави во функција 37% од инсталираниот капацитет за производство на струја. Истиот месец за 23 дена ЕСМ од увоз набавил речиси 96.000 мегаватчасови за што платил 24 милиони евра
Државниот производител на струја ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) во ноември „успеал“ да искористи малку над една третина од инсталираниот капацитет за производство на електрична енергија во неговите термоелектрани РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.
Според официјалните податоци кои се достапни на сајтот на Владата (јавно достапни се информации за 25 дена од вкупно 30 дена во ноември н.з.) државните електрани просечно на час користеле 37% од инсталираниот термокапацитет за производство на трите блока на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Со други зборови, од инсталирани над 800 мегавати термо капацитет за производство на струја просечно на час ЕСМ успеал да активира само 296 мегавати од целата , макар и на хартија, инсталирана снага.
Во овој период на исклучително благо есенско време ЕСМ, кој најавуваше целосно задоволување на потребите на малите потрошувачи и домаќинствата, набавуваше од увоз струја за дури 23 дена за задоволување на потребите за снабдување. Официјалните податоци за набавените количини струја, цените по кои ја плаќаше и износот што го плати се достапни на следниот линк https://www.esm.com.mk/?page_id=14635
Од достапните јавни податоци кои ги обработи редакцијата “Фактор“ (со исклучок на 5,9,15, 22 и 23 ноември за кои нема податоци) максималното просечно производство на термоцентралите на ЕСМ било 47% од инсталираниот капацитет и тоа било во деновите 2 и 7 ноември.
Најмалото просечно часовно производство е регистрирано на 19 ноември кога на час термоцентралите на ЕСМ произведувале 173 мегавати што е еднакво на 22% од инсталираниот капацитет.
Без да го коментираме ноемврискиот резултат на менаџментот на ЕСМ редакцијата на „Фактор“ достави прашање до надлежниот министер за економија и за енергетика Крешник Бектеши кого го замоливме на скала од 1 до 5 да го оцени работењето на менаџментот на ЕСМ за месец ноември.
Еве го одговорот од кабинетот на Бектеши:
-Раководството на АД ЕСМ го назначува Владата на РСМ, а не Министерството за економија. Ве молам за одговор на прашањата да се обратите во Влада.
Извор: Фактор.мк






