Босна и Херцеговина (БиХ) најверојатно ќе добие статус на земја кандидат за полноправно членство во Европската унија (ЕУ), дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) која имаше увид во документот што ќе биде усвоен денеска.
Денескаи овој документ ќе биде ставен на усвојување пред Советот за општи работи, каде треба да добие „зелено светло“ од 27-те министри одговорни за европски прашања.
„Советот за општи работи препорачува Босна и Херцеговина да добие статус на земја-кандидат, со потврда од Европскиот совет“, стои во нацрт-заклучоците што се очекува да бидат усвоени од министрите на крајот на денешниот состанок.
Позитивната одлука – која бара едногласност – се чини можна, велат дипломатски извори, една недела по самитот во Тирана на кој ЕУ „ја потврди својата посветеност“ на перспективата за интегрирање на Западен Балкан во блокот.
Некои од земјите-членки силно ја поддржуваат Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус, вклучително и Хрватска, додека дел од нив сметаат дека земјата не ги исполнила потребните услови за тоа.
Зеленото светло на министрите во вторник треба потоа да го поддржат и лидерите на дваесет и седумте на Самитот на ЕУ во четврток.






