Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, вели дека една од главните критериуми за тоа во која насока ќе се движи цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари е каква понуда ќе даде државната ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум.
Дали ќе поскапе струјата за домаќинствата ќе се знае за 2 недели. Моментално е познато дека ДДВ за струјата се зголемува од 5 на 10 отсто и дека ќе нема промени во блок тарифите за граѓаните.
Регулаторна уверува дека државните електрани 100 отсто ги задоволуваат потребите на домаќинствата, а се она што е увоз е наменето за слободниот пазар и нема да влијае врз цената од први јануари.
До Нова година цената по која државата ја продава струјата на ЕВН за граѓаните изнесува 48 евра за мегават час.
Денеска, на берзите, електричната енергија се продава за речиси 10 пати по повисока цена, односно за над 400 евра.
За фирмите, институциите и општините кои од слободен се префрлија на регулиран пазар ќе има посебни контроли дали ги префрлиле броила за да не ја злоупотребуваат струјата на домаќинствата. Во завршна фаза се и блок тарифите за компаниите.
Бислимовски оценува дека блок тарифите се добри и ќе останат и во 2023 година. Досега домаќинствата заштедиле 16 отсто од потрошеното лани во истиот период, но како што рече допрва се очекуваат повисоки трошоци кај домаќинствата поради грејната сезона.







