Ќе биде интересно да се види дали Беса Арифи ќе пишува слично ако сестра и Теута која е висок функционер на ДУИ веќе дваесет години наскоро се најде на тапет на американската антикорупциска офанзива.
Инаку сопругот на Теута, Шпенд Деваја со години врши високи функции во највисоките судски инстанци.
Беса Арифи е сестра на екс вицепремиерката и екс градоначалничка на Тетово која според повеќе извори беше одбиена за македонски амбасадор во САД, ЕУ и Турција најверојатно поради корупциското досие за неа и сега е еден од политичарите со шанса да се најде на црната листа на САД од истите причини.
„До кога ќе чекаме спасители од странство да се борат со корупцијата кај нас, а ние ќе седиме со скрстени раце, или, подобро кажано, правејќи се да ја заплеткаме уште повеќе ситуацијата, толку што никој нема да може да пронајде решение за неа?! За да функционира правдата и да се спроведува правната држава во борбата против корупциските случаи нашето судство мора самото да верува во правдата и да ја применува, без исклучоци и без колебање.“ – констатира д-р Беса Арифи, професорка во Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Во очекување на спасителите“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“.
„Последните неколку недели ќе останат познати во поновата историја на **** Македонија како недели на судски скандали. Секојдневно се објавуваат вести кои се поврзани со некој проблематичен и контроверзен настан на судството, оставки од високи позиции на правосудните институции во многу краток период, обвинувања и индиции за корупција и многу други неправилности во важни процеси поврзани со судството. Иронично, токму во овие недели продолжи скринингот на институциите на РМВ поврзани со судството, а во рамки на преиспитување на обврските, што произлегуваат од Поглавјето 23, кое се однесува на судството и основните човекови права. Сликата се заокружува со изјавата на американската амбасадорка Агелер дека засилена екипа од САД ќе ни помогне во борбата против корупцијата, бидејќи треба да има повеќе обвинувања и повеќе судења за корупција на високи државни функционери, од минатото и од сегашноста.“
„Повторно, спасението мора да дојде однадвор, а не одвнатре. Повторно чекаме моќниот тим конечно да го реши проблемот со корупцијата во **** Македонија. Уште еднаш чекаме ‘Deus ex machina’ – ‘Господ од странство’ да ни ги реши сите наши проблеми, кои ги имаме, а се преправаме дека ги немаме. До кога ќе ги чекаме спасителите од надвор, седејќи со скрстени раце, или, подобро кажано, правејќи се да ја заплеткаме уште повеќе ситуацијата, толку што никој нема да може да пронајде решение за неа, и покрај сета негова добра волја?!“
„Нашите стратегиски партнери од Западот, а посебно САД, многу ни помогнаа во воспоставувањето на стандардите во судството. Толку многу судии, обвинители, адвокати и членови на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители и на Академијата за судии и обвинители беа на студиски посети во САД, на обуки и програми специјално обликувани за нив. Така што, тешко можеме да кажеме дека нашето судство ја нема потребната подготовка за соочување со корупциски случаи. Толку странски предавачи одржаа предавања и ги споделија своите искуства со нашите институции и вршеа обуки за припадниците на правосудството како треба да се применува законот. Затоа, навистина е разбирливо разочарувањето на странските амбасадори од состојбата во нашето судство по сите инвестиции, кои ги направија нивните земји кај нас.“
„Правдата не може да дојде од надвор, туку мора да произлезе одвнатре, дома. Нема помош, обука, студиска програма, кои можат да му помогнат на нашето судство, ако самото тоа судство не сака да си помогне на самото себе. Направени се толку реформи, сменети се толку закони, усовршени се толку процеси, а сепак нашето судство го тресат скандали еден по друг. За да функционира правдата и да се спроведува правната држава, нашето судство мора самото да верува во правдата и да ја применува, без исклучоци и без колебање.“
Пред една недела Теута Арифи се спаси од судски прогон откако судски инстанци , кои се под можно влијание на ДУИ, ја одбија пријавата за корупција против неа за скандалозни состојби во општина Тетово која ја водеше до лани.






