Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека официјален Белград ќе испрати барање до командантот на КФОР да дозволи распоредување на српската војска и полиција на Косово.
Изјавата на Вучиќ доаѓа откако претставници на Србите на северот на Косово денеска поставија барикади, протестирајќи против апсењето на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ.
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.
Вучиќ изјави дека Србија го испраќа барањето за распоредување на армијата и полицијата „во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
Претседателот на Србија изјави дека во Резолуцијата „недвосмислено се наведува дека ова барање мора да се прифати“, и оти „потврдува дека на српската војска и полиција ќе им биде дозволено да се вратат на територијата на Косово за да извршуваат одредени функции“.
Во врска со враќањето на безбедносните сили Вучиќ рече дека не станува збор за можност, туку за обврска на КФОР да го озвоможи тоа.
„До денес не се водени разговори со КФОР за враќање на српската војска и полиција“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател изјави дека „нема никакви илузии“ дека КФОР ќе го прифати барањето на Србија и дека „знае оти тие ќе го одбијат тоа барање“, иако, според него мора да го прифатат.
„Ќе најдат безброј причини поради кои ќе не известат дека тоа не е потребно и дека целосно ја контролираат (состојбата), иако немаат право на тоа. Ќе бараме нови правни потези кои ќе ја водат Србија во иднината. Нашата формално-правна борба допрва доаѓа“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека српските власти го истражиле случајот со апсењето на Дејан Пантиќ и дека ѝ укажал на меѓународната заедница на непромисленоста на оние кои ја извршија таа акција со која, како што додаде, го загрозија мирот.





