По поранешниот светски шампион Шпанија во осминафиналето, Мароко го елиминира и бившиот европски првак Португалија со 1:0 во четвртфиналето и стана првата фудбалска репрезентација од Африка што се пласира во полуфиналето на планетарните шампионати во најважната споредна работа на светот!



Мароканците го сторија тоа што не им успеа на Камерун, Сенегал и Гана пред нив, благодарејќи на голот на Ен-Незири во 42. минута, па мала утеха за Кристијано Роналдо, кој во солзи веднаш замина во соблекувалната по мечот, е што со 196. настап за националниот тим го израмни рекордот на Бадер ал-Мутава од Кувајт.

Португалците не го искористија ни исклучувањето на Кедира шест минути пред крајот.

Во вториот полуфинален дуел на мундијалот в среда противник на Мароко ќе му биде подобриот од вечерашното последно четвртфинале меѓу Франција и Англија.