Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска Арсовска, која во предизборната кампања ветуваше 200 нови автобуси и бесплатен јавен превоз во Скопје, во синоќешното гостување во„360 Степени“ на „ТВ Алсат“ вети дека граѓаните ќе добијат „реформиран автобуски превоз“.
Во одговор на новинарско прашање Арсовска кажа дека преговорите за проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ) се во завршна фаза, а решение се очекува во следните две недели.
„Формирани се два тима кои работат на оредени предизвици во решенијата. Ќе се реализира решението и ќе се подобри инфраструктурата и автобускиот превоз во градот“, рече Арсовска.
Таа откри дека биле понудени три опции за изведување на проектот.

Едната опција, која ја најавуваше тогашниот градоначалник, бара и законски измени за кои ќе требаат повеќе години да се реализираат, а потребни се и одредени градежни зафати за кои ќе се потрошат пет-шест години да се реализираат. меѓу нив треба и студија за главниот цевковод кој го снабдува Скопје и водоводната мрежа што оди по „Партизанска“, а потребна е и изградба на нов мост „Обединети нации“, кажа Арсовска.
Таа се решила за друга опција зашто имало многу работи што биле предмет на ревизија, но и предизвици што требало да се отстранат за проектот да може да се реализира веднаш.
„Вие и самите гледате што ни се случува во јавниот превоз. На граѓаните сега им треба решение, а не за пет години од сега“, вели Арсовска.







