Владата на Русија донесе одлука за воведување царина од 35 проценти за увоз на одредени стоки произведени во земјите што Москва ги стави на листата на непријателски, вкупно 49, меѓу кои е и Македонија.
Одлуката, потпишана од премиерот Михаил Мишустин, е објавена на официјалната владина вебстраница за правни информации и важи до 31 декември 2023 година „за стоките што доаѓаат од државите кои ги кршат економските интереси на Руската Федерација“, стои во указот.
Руското Министерство за индустрија и за трговија прецизира дека станува збор за производи од типот на шампони, средства за коса, четки за заби, средства за бричење, дезодоранси, антиперспиранти, детергенти, средства за чистење, производи за ароматизација итн.
Дополнително, на списокот има и цивилно оружје и муниција од непријателски земји.





