Дваесет и пет лица се уапсени во голема операција ширум Германија под сомнение дека подготвувале заговор за соборување на владата, дознава Би-Би-Си.
Групата екстремно десничарски и поранешни воени лица планирале да упаднат во Рајхстагот и да ја преземат власта.
Се тврди дека извесен Германец наречен Принц Хајнрих XIII, на 71 годишна возрфаст наводно бил во срцето на нивните планови. Според федералните обвинители, тој е еден од двајцата осомничени водачи меѓу уапсените во 11 германски покраини.
Акции се одржаа низ поголемиот дел од земјата, а две лица беа уапсени во Австрија и Италија.
Меѓу заговорниците има и членови на екстремистичкото движење Рајхсбиргер (Граѓани на Рајхот), кое долго време е во центарот на вниманието на германската полиција поради насилни напади и расистички теории на заговор.
Околу 50 мажи и жени биле дел од групата која наводно планирала да ја собори републиката и да ја замени со нова држава по моделот на Германија во 1871 година – империја наречена Втор Рајх.
Министерот за правда Марко Бушман твитна дека е во тек голема антитерористичка операција и се сомнева дека е планиран вооружен напад врз уставните тела. Федералниот обвинител посочи дека групата планирала насилен пуч од ноември 2021 година.
Заговорниците веќе подготвиле планови за владеење со Германија, соопшти федералното обвинителство.






