Ахмети на средбата со Агелер само со македонско знаменце меѓу нив, покрај тоа на САД!

Несекојдневен детаљ од средбата меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и американската амбасадорка Анџела Агелер, понуди сценографијата од настанот во Собранието на кој првиот човек на владејачката партија на масичката меѓу нив имаше само македонско знаменце, не и албанско, покрај тоа на САД!



Од другите фотографии од средбата се гледа дека има и албанско знаменце, но на масичката десно од Ахмети, каде што „друштво“ му прават знаменцето на ДУИ и – уште едно македонско. На масичката до Агелер, пак, стоеја знаменцињата на САД, Европската унија и НАТО.

Ваквиот декор, во кој албанското знаме е во сенка на државното, односно го нема на највидливото место, е вистинска реткост кога станува збор за „интегративците“, посебно за тие што не се државни функционери, како Ахмети, кој е (само) пратеник.

Собранискиот спикер Талат Џафери, на пример, на масата во својата канцеларија има знаменциња на ЕУ, Македонија и Албанија.