Скопска Автокоманда се враќа во градската топловодна мрежа?!

ЕСМ – Енергетика планира промена на снабдувачот на топлина за цела Автокоманда и приклучување на корисниците на парно греење на мрежата на топланата „Исток“. Ова предизвикува револт кај корисниците, бидејќи, како што велат, АД ЕСМ, компанијата што управува со сите топлани во Градот Скопје, планира да го спроведе ова до Нова година, и тоа без нивно знаење.



Со префрлањето на мрежата на топланата „Исток“, корисниците во Автокоманда повеќе нема да имаат нонстоп парно греење, туку како што налага Регулаторната комисија за енергетика, од 6 наутро до 22 часот навечер.

Жители на Автокоманда велат дека на терен се забележани екипи и раздвиженост за префрлање на овие корисници од т.н. железарско парно на градската топловодна мрежа со која сега управува, исто така, новоформираната фирма на АД ЕСМ.

Аеродромци до 2014 година беа на градската мрежа, но поради тоа што беа незадоволни од топлината што им се испорачува, им ги раскопаа улиците низ населбата, потоа беа приклучени кон железарското парно.

– Во времето кога К.Т. и Т.Т. беа градоначалници, на иницијатива од граѓаните, преку УЗ, делот од зградите во Автокоманда што беа снабдувани од Градот, поради неквалитетното греење, со техничко-градежни инвестиции беа префрлени на греењето од ЕСМ – Енергетика и проблемот беше решен. Зошто сега ќе се врши обратен процес – не е јасно, бидејќи Енергетика има капацитет за греење на половина град. Локалната и месната самоуправа, заедно со граѓаните, во недостиг на издржана причина, треба жестоко да се спротивстави на ваквата најава – нагласува Маријан Калиманоски.

Александар Тодоровски, пензионер од ЕСМ – Енергетика, смирува и вели дека овој план за спојување на двата система е донесен откако се изгради ТЕ –ТО.

– Тоа е добар план како основа за продолжување на топловодот од Енергетика кон населбата Бутел. Во иднина се планира оттаму да се поврзе топланата „Скопје-Север“, што е, исто така, добар план, со што би се добил еден голем систем. Капацитетите на ваквиот заеднички систем со ТЕ -ТО, топлана „Исток“, Енергетика и „Когел“ се големи и во целост ќе ги задоволуваат потребите за топлинска енергија. Впрочем, на ниво на Град Скопје, во времето на Шилегов е формирано претпријатие за управување со комплетниот топлификациски систем, кое, за жал, не проработи, а одреден број вработени, и покрај тоа, земаат плата. Доколку се обратите до раководството на Енергетика, сигурен сум во тоа дека во детали ќе ви ги објаснат плановите. Како снабдувач со топлинска енергија, Енергетика докажа дека може да биде рамо до рамо со останатите снабдувачи. Нема причина за загриженост – дециден е Тодоровски.

Како и да е, корисниците од Автокоманда се во дилема: дали враќањето во градската мрежа ќе значи и израмнување на висината на сметките со останатиот дел од градот, бидејќи корисниците на ЕСМ – Енергетика плаќаат за 37 проценти повисока цена во споредба со приклучените на мрежата на досегашниот БЕГ.