„Износот на пари, што ќе се доделат од буџетот за 2023 година за општините, кои се населени со Албанци, е многу дискриминаторски. Колку повеќе има Албанци во тие општини, толку помалку пари од буџетот се планира за нив.“ – тврди информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Дали Албанците се дискриминирани во буџетот за 2023 година?“
Покрај другото, „Журнал“ пишува: „Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими на заедничка прес-конференција го претставија Предлог-буџетот за 2023 година, оценувајќи го како буџет за безбедност, стабилност, кој ќе реагира на кризата и ќе ги постави основите за натамошен економски пораст. Ковачевски истакна дека со Буџетот во 2023 година се планира да се обезбедат 57,5 милиони евра повеќе за општините. Но, сумата доделена од овој буџет за општините, кои се населени со Албанци, е многу дискриминаторска. Колку повеќе има Албанци во тие општини, толку помалку пари од буџетот се планира за нив.“
„Повеќе пари за општина Штип отколку за Тетово“
„Буџетот за 2023 година е дискриминаторски кон Албанците: општините кои имаат поголем процент Албанци имаат и помал буџет. Општина Штип ќе добие повеќе пари од Тетово.’ – ова го изјави д-р Петрит Положани, професор во Економскиот факултет на државниот Универзитет во Тетово.“
„Во нашите региони има само изградба на патот Требениште – Струга – Ќафасан, има една лента на автопатот Гостивар – Тетово и е направен буџетот за патот Кичево – Охрид. Нема доволно буџет во поглед на системот за наводнување, односно за подобрување на земјоделството во нашите региони.’ – нагласи професорот Положани за ТВ КланМакедонија.“
„Иако има Албанец на чело на Министерството за финансии, Фатмир Бесими, како и друг Албанец на чело на Министерството за економија, Крешник Бектеши, повторно постојат простор и можност, за да бидат дискриминирани Албанците, а подрачјата населени со нив пак да бидат со помали инвестиции и со помали буџетски финансирања. Подрачјата населени со Албанци се оставени во заборав.“
„Што е предвидено во Буџетот за 2023 година?“
Од инфраструктурата: проширување на автопатот Тетово-Гостивар, изградба на новиот автопат Требениште-Струга-Ќафасан, изградба на делницата Гостивар-Букојчан и делницата Прилеп-Манастир. Јавното претпријатие за државни патишта ќе изработи студија за изведливост на градбата на патот Тетово-Призрен. Ќе продолжи изградбата на источниот дел од патниот коридор 8 преку делот Ранковце-Крива Паланка, делот Крива Паланка до границата со Бугарија, потоа изградба на западниот дел од патниот коридор 8, како и изградба на патните правци Кичево-Букојчан и Кичево-Охрид.“
„Изградбата на автопатот Скопје-Блаце ќе се финансира со заеми од Европската банка за обнова и развој. Ќе се реконструира железничката пруга од Коридорот 10 и ќе продолжи реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга Коридор 8 – делница Куманово – Бељаковце-Крива Паланка.“





