По неколкумесечни протести, во кои загинаа повеќе од 300 луѓе, ИРАН одлучи да попушти и да ја укине моралната полиција. „Моралната полиција нема никаква врска со судството“ и затоа е укината, изјави главниот ирански обвинител Џафар Монтазери, пренесе АФП.



„Моралната полиција е распуштена, но судството ќе продолжи да се справува со овој општествен предизвик“, го цитира весникот „Шарг“ главниот обвинител Мохамад Џафар Монтазери.

Проблемот не е моралната полиција, туку барањето да се носат покривки на главата, твитна еден персиски активист.

„Жените мора да се движат слободно без шамии“, рече тој, истакнувајќи дека тоа ќе биде „само првиот чекор“.

Посматрачи велат дека иако распуштањето на полицијата не значи крај на задолжителните шамии, тоа претставува значаен чекор во успехот на женското движење во Иран.

Иран, исто така, рече дека ќе го преиспита деценискиот закон со кој се бара од жените да ги покриваат главите, бидејќи се бори да ги задуши повеќе од два месеци протести поради строгиот кодекс на облекување.

Протести го зафатија Иран по смртта во притвор на 16 септември на Махса Амини, 22-годишна Иранка со курдско потекло, која беше уапсена од полицијата за морал поради наводно кршење на шеријатскиот закон.

Од смртта на Амини, сè поголем број жени не носат хиџаб, особено во модерниот северен дел на Техеран.

Хиџабот стана задолжителен за сите жени во Иран во април 1983 година, четири години по Исламската револуција која ја собори монархијата поддржана од САД.