„Финанс тинк“: Буџетот за 2023 година планира неразумно висок раст на расходите за 12,6 отсто

„Буџетските приходи и особено даночните приходи се проектирани на високо рамниште и тие би се оствариле само ако не стивне порастот на цените. Тоа би бил неповолен исход за животниот стандард на граѓаните.- предупредува Институтот за економски истражувања и политика „Финанс тинк“ од Скопје во својот „Коментар бр.36“ во врска со предлог-буџетот за 2023 година.



Покрај другото, во својата анализа „Финанс тинк“ констатира: „Владата на Република Македонија го усвои предлог-буџетот за 2023 година.Тој се донесува во услови на нагласена неизвесност во економското окружување и опасности за натамошно засилување на тенденциите на стагфлацијата (стагфлација е состојба во економија, што се карактеризира со општ пораст на цените (висока инфлација) истовремено со пад на производството, висока невработеност и бавен економски раст), кои се очекуваат во поголема мера во првото и третото четиримесечје од 2023 година.“

„Предлог-буџетот 2023 проектира раст на бруто-домашниот производ за 2023 година од 2.9 отсто и пораст на трошоците за живот од 7.1 отсто. Проектираната стапка на пораст на на бруто-домашниот производ е оптимистичка и содржи значајни изгледи да биде пониска. Проектираната стапка на инфлацијата е под голема неизвесност и може да забележи значајни отстапувања и во двете насоки, пониска или повисока. Земајќи ги заедно проектираниот реален раст на бруто-домашниот производ и порастот на цените, проекцијата за нивниот пораст е особено висока, без оглед што вградува во себе и други елементи како спроведување на даночната реформа и мерки за намалување на ‘сивата економија’.

„Предлог-буџетот за 2023 година не дава јасна слика за предложената даночна реформа и е сериозно потфрлање во поглед на фискалната отвореност. Предлог-буџетот 2023 година предвидува пораст на буџетските расходи за 12.6%, што е неразумно високо проектирање на расходите, ако се има предвид ризикот од остварување на приходите и намерата за фискална консолидација. Постои нагласена опасност буџетските трошења да влијаат проинфлаторно во услови на се` уште висок раст на цените создаден од надворешни чинители.

„Со ваквото проектирање на предлог-буџетот за 2023 година буџетскиот дефицит е поставен на рамниште од 4.6 отсто од бруто-домашниот производ. Со оглед на опасноста буџетските приходи и проектираниот раст на бруто-домашниот производ планираното, буџетскиот дефицит или ќе биде надминат, или, поверојатно, во текот на 2023 ќе се изврши приспособување на буџетот и значајно кратење на капиталните расходи.“ – констатира „Финанс-тинк“ во својата анализа.

Инаку, буџетот за 2023 година ќе тежи рекордни 5,28 милијарди евра, како што предлага Владата. Дефицитот е проценет на 695 милиони евра. Буџетот за наредната година е поголем од буџетот за 2022 за дури 1,3 милијарди евра.