Мажот осомничен дека ја застрелал својата бремена сопруга во средата пред Клиниката за гинекологија во Приштина, изврши самоубиство денеска додека полицијата преговарала за неговото предавање.
Неколку минути откако жртвата, Хамиде Магаши, беше погребана денеска попладне во селото Љугаџи, на околу 22 километри источно од Приштина, нејзиниот поранешен сопруг Сокол Халили изврши самоубиство во семејната куќа во селото Давидок, додека полицијата се обидувала да преговара за неговото предавање.
Сопругата Хамиде беше застрелана во средата вечерта во дворот на Клиниката за гинекологија во Приштина, каде што чекаше да се породи следниот ден. Како последица од пукањето починало и бебето.
Жената била трипати застрелана, а полицијата на местото на злосторството идентификувала три чаури.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, објави дека осомничениот Сокол Халили се самоубил во присуство на полицијата откако бил пронајден од органите на прогонот.
„По интензивната работа на сите единици, полицијата на Косово успеа да го лоцира местото каде што се наоѓа убиецот Сокол Халили. Наспроти напорите на полициските службеници да преговараат за негово предавање, убиецот изврши самоубиство. Полицијата на Косово и Полицискиот инспекторат на Косово ќе ја продолжат истрага за расветлување на сите околности на убиството на бремената жена и самоубиството на сторителот“, напиша Свечла на Фејсбук.
Сега веќе убиената Хамиде, во јули годинава го пријавила сопругот за психичко и физичко насилство, а против него била изречена и заштитна мерка, односно забрана за задржување.






