Приватните автобуси в понеделник на масовни протести

Приватните превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ разочарани си заминаа дома, откако цел ден со автобусите стоеа паркирани на „Илинденска“. Иако од 6 часот изутрина чекаа прием со градоначалничката Данела Арсовска пред бараките на Град Скопје, тоа не се случи. Преку медиумите и понудија да им исплати дел од долгот од 1,5 милиони евра и ќе возат додека таа избере нови превозници. Велат дека ова е компромисно решение за да не страдаат граѓаните поради блокираниот град.



Превозниците велат дека нема да се откажат од намерата да разговараат со градоначалничката и дека ќе ги искористат сите механизми за да ги добијат парите што во моментов им ги должат. Сега, велат дека немаат ниту денар, за да ги прехранат фамилиите.

Приватните превозници утрово со 200 автобуси и 300 возачи го блокираа булеварот „Илинденска“. Ако во текот на викендов не добијат позитивен одговор од Арсовска, в понеделник ќе блокираат три клучни крстосници во градот и тоа кај ТЦ „Мавровка“, Црвен крст и пред Влада.