Истече рокот од 45 дена бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата, откако претходно надлежната Комисија утврди дискриминација по основа на национална и етничка припадност со основањето на клубот.



Битолското здружение „Иван Михајлов“ и охридското „Цар Борис“ засега не го почитуваат Законот за здруженија и фондации, ниту одлуката на Комисијата за заштита и спречување дискриминацијата и до Централниот регистар на Македонија не поднеле документација за промена на нивните спорни називи и статути, дознава „Слободен печат“.

„Спорните содржини упатуваат не само на вознемирувачки говор, туку постојат сериозни индиции дека се повредуваат правата на поголем број луѓе, а тоа упатува на одредби од членот од Кривичниот закон, со што топката ја префрламе на Основното јавно обвинителство. Идејата не е да се казнуваат граѓаните парично, идејата е да се отстранат сите практики што создаваат нееднаквост во ова општество“, информираа вчера од антидискриминаторската Комисија.

Казната со која се соочува битолското здружение е од 3.000 до 10.000 евра.

Но, бугарскиот центар може да се соочи и со кривична одговорност, најавија од Комисијата, бидејќи не е испочитуван ниту рокот за отстранување на спорните содржини, објавени од клубот на социјалните мрежи.

Според измените на Законот за здруженија, пак, ако до февруари „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“ не ги сменат имињата, ќе бидат избришани од Централниот регистар, односно министерот за правда ќе донесе решение за нивна ликвидација.