Можниот влез на Алијанса на Албанците во влада може да се очекува по 10 декември.
Во овој период се очекува Ковачевски и Таравари да се усогласат околу концептите кои ги обединуваат, разликите и можните решенија за прашањата за кои не се согласуваат, дознава „Слободен печат“ од извори од владејачката партија.
Висок функционер на СДСМ за „Слободен печат“ вели дека „извесно е дека актуелниот министер за правда ќе биде сменет со кадар од Алијанса за Албанците (АА), ако партијата предводена од в.д. претседателот Арбен Таравари влезе на ‘Илинденска’“.
Неофицијално, освен ресорот правда, АА е заинтересирана и за здравство, со кое сега раководи министерот Беким Сали од Алтернатива, а се споменуваат и ресорите информатичко општество, на чие чело е Адмирим Алити од Алтернатива, како и министерствата за образование и за животна средина, предводени од Јетон Шаќири и Насер Нуредини, двајцата од ДУИ.
Кои три ресори ќе ѝ припаднат на АА, извор од СДСМза Слободен печат вели дека тоа ќе зависи од интересот на партијата и договорот со коалициските партнери ДУИ и Алтернатива, а Ковачевски ќе бара Таравари да понуди квалитетни кадри.






