Ванковска: Стоп за Законот за јазиците и политичка одговорност

Универзитетската професорка Билјана Ванковска преку својот профил на „Фејсбук“ побара прекин на постапката за донесување на Законот за употреба на јазиците и политичка одговорност за кршење на Деловникот на Собранието.



„Законската иницијатива е инвалидна и затоа не само што мора да прекине, за евентуално да оди по коректна процедура, туку мора да се бара политичка одговорност за непочитување на Деловникот! На овој пример ќе се тестира владеењето на правото – или го има или го нема! Ако законодавниот дом го крши, тогаш што да се каже за другите институции! На ова предупредувавме и ние од академската фела (додуша, Беса Арифи на ТВ тврдеше нешто друго), но и опозицијата. За жал, медиумите/новинарите беа политички коректни и не го истражија ни она што го гледа и студент по право од прва година!политичка одговорност за кршење на Деловникот на Собранието“, напиша таа на „Фејсбук“.

Реакцијата на Ванковска доаѓа по денешното одложување на седницата на Комисијата за европски прашања, што, пак, коинцидира со вчерашната изјава на еврокомесарот Јоханес Хан дека Законот за јазиците не е приоритетен за Европска унија, дека Брисел не го бара и дека Владата треба да работи на другите реформи.

„Ако е точно дека постапката за Законот за јазиците е запрена поради укажувањето на Хан дека таа материја не може да оди под европско знаменце, а и дека е прекршена деловничката процедура, се поставуваат (најмалку) две сериозни прашања за одговорноста. Прво, како еден од потписниците/подносителите на Законот се наоѓа и потпретседателката и министерка Шекеринска – како можела бивша вицепремиерка за евроинтеграции да не знае што е закон со европско знаменце и зошто го дозволила тоа (овде станува збор, сепак, и за угледот на Унијата и употребата на нејзините симболи за да се ‘протне’ внатрекоалициски/етнички договор). Второ, мора да се постави прашање за одговорноста на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој согласно деловникот имал ДОЛЖНОСТ да не го пушти законот во процедура поради ненаведување на конкретна европска директива, како што се бара. И, се разбира, одговорноста на претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби. На ова укажуваше дел од експертската јавност (јас пишував во колумни, исто така), а и опозицијата. Ако Хан ги укорил и ако е тоа причината за запирањето, мора да следува политичка одговорност – затоа што земја која сака интеграција во ЕУ не може да ја злоупотребува Унијата за други цели и да ја компромитира, притоа кршејќи го принципот на владеење на правото“, реагираше Ванковска претходно исто така на „Фејсбук“.