Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски тврди дека со случајот „Софтвери“ во кои тој е обвинет, обвинителката Вилма Русковска сакала да ја покрие својата неефикасност и непрофесионалност.
Рашковски најави дека идната недела ќе поднесе кривични пријави против обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчева, за како што вели во дописот до јавноста, криење и фалсификување докази како и за ставање на товар на кривични дела за кои, како што тврди тој, се знае дека не се случиле, јавува МКД.Мк.
Во допис тој вели:
„Сакавте својата неефикасност и непрофесионалност или селективност во борбата против криминалот и корупцијата да ја покриете со овој случај, па дури пред да заспиете на полноќ пишувавте до амбасади да го следат внимателно случајот. Кога повикувате некој да следи случај, треба да знаете дека уште пред 60 години во САД е воспоставено Правилото на Брејди со кое обвинителите се обврзани да достават до судот и до обвинетиот сè она со кое располагаат, независно во чија полза е.
За прв пат се сложувам со Русковска. И не само што се сложувам, туку и ќе ми биде особено драго доколку сите претставници на странски институции во државата со кои делиме исти вредности го следат овој случај чијшто императив не е само докажување на злонамерно постапување на обвинителите и невиност на обвинетите, туку поголем е императивот на прогрес на правосудството. Ајде да се согласиме и секое судење да оди јавно како што тоа се прави во напредните правни системи”, вели Рашковски.






