Апелациониот суд Скопјеја укина првостепената пресуда за предметот „Трезор“ и предметот го врати на повторно постапување и одлучување пред Основниот кривичен суд Скопје, со што ги уважи жалбите на обвинетите.
Со тоа, без казни остануваат поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и ексфункционерите на Управата и на МВР, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски, и ќе треба да дојдат на повторно судење во Скопскиот кривичен суд.
„Укината е пресудата и вратено на повторно судење. Тоа е поради суштествени повреди на постапката поради што се доведува во прашање фактичката состојба и примената на законот. Причините се во одлуката. Одлуките со кои се укинуваат пресуди не се анонимизираат. Нема да биде достапна одлуката за јавноста“, велат од Апелација за „А1он“.
Предметот се однесуваше за набавка на опрема за УБК/МВР и услуги, преку која бил оштетен буџетот.
За набавка на британска опрема за следење на електронската комуникација за УБК, првостепениот суд донесе пресуди со кои поранешниот директор Сашо Мијалков беше осуден на единствена казна затвор во траење од 8 години, а поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, на кој му се судеше во бегство, беше осуден на единствена казна затвор во траење од 15 години.
Поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, добија затворски казни од по 5 години.







