Откако вчерашниот состанок во однос на содржината на учебниците за седмо одделение во Македонија заврши без конкретен договор, денеска воСкопје продолжува состанокот на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања,



По вчерашниот состанок, македонските претставници во Комисијата оценија дека средбата била позитивна, имало конструктивни дискусии, но засега не е постигнат никаков договор.

Копретседател во Комисијата, Драги Ѓорѓиев изјави дека се дискутирало само за учебниците, а дека биле запазени нашите интереси, но сепак, не кажа дали се очекува денеска да биде донесена некаква конкретна одлука по однос на ова прашање.

Шефот на бугарскиот тим во Комисијата, Ангел Димитров, по вчерашната средба не сакаше да даде изјава за новинарите. Тој рече оти денеска ќе кажел се.

Заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања на 15 август годинава усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и петти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил.