Српската листа утрово соопшти дека го поздравува постигнатиот договор во Брисел со кој е потврдено дека српските табличлки на возилата на косовските Срби, остануваат во употреба, дека никој нема да ги одземе, ниту пак ќе бидат изречени казни за нашите граѓани кои поседуваат возила со КМ таблички. .



„…Постојните таблички остануваат и ќе може да се продолжуваат, а нови засега нема да се издаваат. Потсетуваме дека нашиот став беше да останат табличките на КМ, да не се конфискува имотот на граѓаните, да не се изрекуваат казни, ниту да се оневозможи нивната слобода на движење“ се вели во соопштението на Српската листа.

Соединетите држави го поздравија договорот за табличките, постигнат со медијацијата на Европската унија во Брисел.

Преговарачите на Косово и Србија, синоќа во Брисел со посредство на специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак се договорија Приштина да го одложи изрекувањето казни за косовските Срби кои не ги смениле српските со косовски регистарски таблички, додека Белград да престане да издава таблички со српски ознаки за возилата во северно Косово.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс оцени дека со овој договор е избегната понатамошна ескалација на напнатоста.

„Ние го поздравуваме договорот меѓу двете земји за нормализирање на односите под покровителство на Европската унија како најдобар начин за подобрување на европската иднина на Србија и Косово“, наведе Прајс.