Помина првата фаза од измените на Кривичниот закон со кои, меѓудругото, се обезбедува поголема заштита на новинарите и медиумските работници при вршење на нивната професионална новинарска дејност, при што за напад на новинарите се предвидува затворска казна од шест месеци до пет години. Пратениците вчера со 85 гласа „за“ го поминаа законот во првото читање и се очекува процедурата да заврши до Нова година, односно второто читање да се случи по изгласувањето на државниот буџет за 2023 година, што треба да се случи до 20 декември.
Освен за безбедноста на новнарите, измените на Кривичниот законик се прават заради имплементација на Истанбулската конвенција со која повеќе се штитат жените, децата и жртвите на семејното насилство, за воведување на новото кривично дело демнење, како и за уредување на сферата на конфискацијата на предмети и за тортурата што произлегува од пресуди на Европскиот суд за човекови права, но и за декриминализација на поседувањето на наркотици за лична употреба.
Новинарите очекуваат нападите врз нив да запрат
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници и Здружението на новинари на Македонија на почетокот на месецов предупредија дека законските измени речиси година и половина се заглавени во Собранието без најави дека процедурата ќе мрдне, па се заканија дека ако не се усвојат до следната година ќе организираат бојкот, а ако е потебно и новинарски протести пред Собранието. Од ССНМ велат дека се задоволни што почна процедурата и очекуваат дека законот ќе има ефект, а новинарите ќе бидат побезбедни додека работат.
– Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го поздравува долгоочекуваното изгласување на измените на КЗ кои се однесуваат на поголеми санкции за нападите врз новинари и медиумски работници, како и третирање на нападите врз новинарите како спречување на службено лице во вршење службено дејствие. Се надеваме дека со повисоките казни што се предвидени со овие измени за делата убиство, присилба, загрозување на сигурноста на новинарите и медиумските работници нападите во иднина ќе бидат што е можно помалку, но и дека оние што ќе се случат ќе бидат брзо и ефикасно третирани од страна на надлежните институции – вели Павле Беловски, претседател на ССНМ.
Тој додава дека анализите на ССНМ покажуваат дека важен фактор за неказнивоста на нападите врз новинарите е токму недовербата во системот и непријавувањето од жртвите затоа што најчесто тие напади беа класифицирани како дела што се гонат по приватна тужба.
– Сега со овие измени се надеваме дека институциите, пред се МВР и Обвинителството ќе бидат поажурни и поефикасни во гонењето на оние што ќе се дрзнат да ги напаѓаат медиумските работници, кои се повеќе се изложени на најразлични напади поради тоа што ја извршуваат својата работа, која потсетуваме, е работа од јавен интерес – вели Беловски.
Со измените освен новинарите, како професионалци што вршат работи од јавен интерес се наведени и лекарите, наставниците, адвокатите и други. Делото е во главата „Кривични дела против јавниот ред и мир“, во поглавјето „Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“.





