Владата не кажува дека за увоз на струја дневно се трошат 15 до 20 милиони евра

Анализа на кризата во производството на електрична енергија во Македонија вечерва дава екс пратеникот Илија Димовски.



,,Владата секој ден го објавува дневното производство на струја од ЕЛЕМ…
Тоа се движи отприлика од 6.000 MWh до 10.000 MWh…
(Тоа го прави од маркетиншки причини, создавајќи впечаток дека има контрола над кризата)…

Тоа е отприлика од 37% до 63% од дневната потрошувачка на струја во Македонија…
(Сеуште не е почната зимата)…

Дневната потрошувачка е скоро секој ден над 16.000 MWh…
(Штом почна Владата да објавува дневни соопштенија за производство на електрична енергија, МЕПСО престана на својата страна да ги објавува дневните извештаи за вкупната потрошувачка на електрична енергија)…

За остатокот се плаќа скапа цена за увоз која дневно ја чини Македонија, нејзините граѓани и стопанството од 15 до 20 милиони евра секој ден…”, анализира Димовски според кого допрва ќе доаѓаат денови со многу поголема потрошувачка на електрична енергија, сигурно над 20.000 MWh дневно.

,,Допрва ќе расте цената на електричната енергија на берзите заради надоаѓањето на зимата и извесното драстично поскапување на нафтата…

Оваа Влада имаше обврска во тек на минатата година да ги спреми капацитетите и да набави енергенси за да има стабилно производство на струја…
Не го направи тоа…
Цената која сите ќе ја платиме ќе е огромна”, смета Димовски кој открива дека
оваа година ЕЛЕМ ќе го има вториот историски најлош резултат во последните 20 години, а власта знаела дека не смее да биде така.