Двајца припадници на Агенцијата за национална безбедност, кои се дел од одделот за стратешка соработка, се суспендирани поради случајот со украинскиот бизнисмен Олександар Онишченко, кој добил македонско државјанство иако бил на црна листа на САД поради мешање во изборниот процес, неофицијално дознава „Фокус“.



Директорот на АНБ Виктор Димовски реферираше на седница на матичната собраниска комисија, истакна дека службеник не ја извршил потребната меѓународна консултација со НАТО-партнерите пред да даде согласност дека нема безбедносен ризик.

Но, претседателот Стево Пендаровски, пак, оцени дека се работи за скандал, бидејќи, според него, податокот дека Онишченко се наоѓа на црната листа на САД не треба специјално да се обезбедува, бидејќи се работи за јавно објавена информација.

Случајот изби во време кога се уште актуелниот директор на АНБ Димовски се подготвува да замине на амбасадорска служба во Париз.