Маричиќ: Европски стандард до 2030-та година

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека Владата презела тешка обврска но развојот, просперитетот, европската економија и европскиот животен стандард се приоритет.



„Знаеме дека обврската што ја преземаме е тешка, но знаеме и која ни е целта – развој, просперитет, европска економија, европски пазари и европски животен стандард за граѓаните до крајот на 2030 година, амбициозна, но достижна цел која само бара посветеност и ангажман на сите општествени чинители. Тоа не е само обврска кон ЕУ и преговорите за членство, туку е и наша должност и обврска кон граѓаните“, потенцира Маричиќ отворајќи ја денешната дебата „Зелена агенда – обновливи ресурси, македонска храна, европски пазар“.

Вицепремиерот рече дека Извештајот на ЕК за годинава покажа добро ниво на подготвеност што е дополнителна обврска не само да се зборува за постигнатиот прогрес, туку и за сите нотирани слабости.

„Колку побрзо ги надминеме слабостите толку побрзо ќе станеме дел од ЕУ, а Владата има силна волја за тоа и е максимално посветена“, истакна Маричиќ, додавајќи дека скринингот е дополнителен поттик во целиот овој процес.