Инфлацијата во последните месеци забрза, за што растот на цените на храната има најголем и растечки придонес, соопшти Народна банка и нагласи дека тоа наметна монтетарна реакција. Годишната стапка на инфлација во октомври достигна 19,8%.. Каматната стапка на благајничките записи се зголемува за 0,75 п.п. до нивото од 4,25%. Со определени мерки се очекува да се зголемат денарските резерви во банките, што пак ќе значи преку повисоки камати да се стимулира штедењето во денари.
идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, којашто е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија. Оттука, од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка. Според тековните остварувања и оцените за увозните цени, ризиците за инфлацијата се нагорни.
Во услови на натамошни поумерени притисоци од енергетската криза и прилив на девизи од менувачкиот пазар, домашниот девизен пазар и натаму е стабилен. Народната банка и во текот на октомври интервенира со откуп на девизи на девизниот пазар, а девизните резерви од јули наваму бележат постојан раст, при што нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. Оцените за надворешната позиција на економијата упатуваат на поголеми притисоци од енергетската криза врз трговскиот дефицит, но од друга страна има подобри остварувања кај приватните трансфери, со што девизните резерви и натаму се во комфорната зона којашто гарантира одржување на стабилноста на курсот на домашната валута во однос на еврото.
Во однос на активноста во домашната економија, бруто домашниот производ во првото полугодие од годината забележа умерен реален раст од 2,6%. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал упатуваат на забавување на реалниот економски раст, видливи преку значителното забавување на реалниот годишен раст на прометот во вкупната трговија и падот кај индустриското производство и кај извршените градежни работи. Ова, заедно со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и енергетската криза, упатува на понеповолни изгледи и надолни ризици за растот во следниот период.
Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според последните податоци, кредитната активност и депозитите и натаму растат, поумерено кај кредитите, а забрзано кај депозитите, при што се очекува дека овие трендови ќе продолжат и во следниот период.
Во однос на движењата во глобалната економија и на меѓународните пазари, најновите показатели од октомври упатуваат на понеповолни изгледи за економскиот раст во еврозоната, стабилизирање на економската активност во САД, но и истовремено задржување на патеката на раст на инфлацијата. Во вакви околности, највлијателните централни банки (ЕЦБ и ФЕД) ги заострија монетарните услови, преку зголемување на своите референтни каматни стапки за по 0,75 процентни поени. На меѓународните стоковни берзи беше забележан натамошен пад на цените на природниот гас и електричната енергија, во услови на намалена побарувачка заради невообичаеното топло време во овој период од годината во Европа, а слична динамика забележаа и цените на храната, при натамошно умерено намалување на цените на сите одделни прехранбени производи, со исклучок на житариците. Овие надолни промени во цените во САД-долари и натаму се во еден дел неутрализирани од апрецијацијата на САД-доларот.
Општо земено, неповолното надворешно окружување и нагласените ризици налагаат водење исклучително претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците. Како и досега, централната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и на среднорочната ценовна стабилност“, се вели во соопштението.







