Со законски измени се враќаат владините реклами на малите екрани

Со измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои денеска се ставени на дневен ред на 91. седница на Собранието, повторно ќе се овозможи владини пари, преку видео реклами, да влегуваат во приватни медиуми. Станува збор за реклами кои ќе бидат дел од кампањи за кои е дефинирано дека се од јавен интерес.



За една реклама да биде оценета дека е од јавен интерес, според предлог законот, треба да содржи исклучиво информативно-едукативни пораки и да е насочена кон голем број луѓе во одреден временски период. Измените во Законот предвидуваат на јавноста да ѝ се обезбедат потребните информации за причината за самата кампања од јавен интерес.

Новинарските здруженија ЗНМ, ССНМ и МИМ неколку пати јавно се изјаснија против ваквиот начин на финансирање на приватните медиуми кој беше пракса до 2018 година.

СДСМ со една песна во опозиција, со друга на власт: Ова ќе биде дванаесетта промена на Законот за медиуми од 2013 година, кога за првпат е донесен во парламентот. Додека беше во опозиција, СДСМ критикуваше дека со владините реклами се поткупуваат медиумите и дека со нив се врши влијание врз нивната уредувачка политика. На ова владино рекламирање се стави крај со внесување на членот 102 во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2017 година, со што владините кампањи станаа противзаконски, што беше и предизборно ветување на СДСМ.

На првиот владин отчет во 2017 година, Владата објави дека 38 милиони евра народни пари биле потрошени за кампањи и пропаганда во електронските и печатени медиуми од 2008 до 2015 година преку нејасни критериуми, а дури 7 милиони евра завршиле само во една телевизија. Во сумата од 38 милиони евра не биле пресметани парите потрошени за кампањи во 2006, 2007 и 2016, година, затоа што документите за тие години не биле пронајдени.

Со новите измени членот 102 од законот се брише, а законот се носи по скратена постапка.

Новинарските здруженија се против, ама не многу: ЗНМ и ССНМ во повеќе наврати се изјаснуваа против директното финансирање на медиумите од буџетот, предупредувајќи на лошото искуство со државното финансирање во минатото. Но националните, локалните и регионалните телевизии и радија се залагаа за спротивното, бидејќи забраната за државно рекламирање и отсуството на дел од тој буџетски колач, им предизвика финансиски проблеми.

Откако во 2018 година Владата ја имплементираше програмата за годишно субвенционирање на весниците, се отвори пат и електронските медиуми да бараат и очекуваат слична државна поддршка. На враќање на владините реклами особено инсистираа локалните електронски медиуми, телевизииите и радијата, кои, како што велат, тешко можат да опстанат на комерцијална основа.

Целиот текст на следниот линк:

https://plusinfo.mk/pochnuva-otkupnata-sezona-za-televiziite-so-zakonski-izmeni-se-vra-aat-vladinite-reklami-na-malite-ekrani/