Утрешната седница на Комисијата за европски прашања (КЕП) на која требаше да има второ читање на законот за употреба на јазиците, е одложена.
Одложувањето доаѓа нецели 24 часа по сугестијата на еврокомесарот Јоханес Хан дека законот за јазиците не е помеѓу приоритетните задачи и услови за добивање позитивна препорака од Европската комисија.
„Мислам дека ова е разумно барање, но не е приоритет на властите, кои приоритетите треба да ги дефинираат според националните интереси. Ако се усвои Законот за јазиците во следните неколку недели врз основа на препораките од Венецијанската комисија, в ред, меѓутоа важно е Владата и другите фактори во земјата да се фокусираат на законите и на условите релевантни за добивање позитивна препорака.
Законот за јазици не е дел од она што е договорено во овој контекст“, изјави еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика Хан по вчерашната средба со македонскиот премиер Зоран Заев.
Седницата која беше закажана за 15 часот беше одложена од претседателот на КЕП, пратеникот Артан Груби, соопштија од Комисијата, но не се наведуваат причините.
Вкупно 90 амандмани се поднесени за предлог-законот за употреба на јазиците од кои 84 поднесе ВМРО-ДПМНЕ, 4 СДСМ и 2 од Беса.




