Полска го крена нивото на подготвеност на армијата по падот на две ракети близу границата со Украина попладнево, а размислува и да го активира членот 4 од Повелбата на НАТО, кој подразбира итен состанок на членките штом ќе им бидат загрозени „територијалниот интегритет, политичка независност или безбедност“.
Од Варшава најавија и оти претседателот Анджеј Дуда ќе разговара и со својот украински колега Володимир Зеленски, откако ќе се чуе по телефон со американскиот претседател Џо Бајден за екплозиите во Лублин и во Пшеводув, каде што загинаа две лица.
НАТО остро реагираше за случувањата во Полска, порачувајќи дека „сојузниците ќе ја бранат секоја педа од територијата на Алијансата“, а унгарскиот премиер Виктор Орбан најави свикување на националниот Совет за безбедност.
„Моето сочувство до нашите полски браќа по оружје. Криминалниот руски режим истрела проектили кои не само што ги таргетираа украинските цивили, туку и паднаа на територијата на НАТО во Полска. Летонија е целосно со полските пријатели и го осудува ова злосторство“, напиша на Твитер летонскиот министер за одбрана Артис Пабрикс.
По разговорот со полскиот претседател Дуда, пак, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека „важно е да се утврдат сите факти“.
„Изразив сочувство за загубата на човечки животи. НАТО ја следи ситуацијата, а сојузниците се консултираат. Важно е да се утврдат сите факти“, напиша Столтенберг на Твитер.
Русија се огради од паднатите ракети во Полска, чие споменување на „руски ракети“ го озналчи како намерна провокација со цел ескалација на ситуацијата. Министерството за одбрана соопшти дека не се изведени никакви удари со руски средства во близина на полско-украинската граница.






