Откако во својата честитка по повод Денот на ослободувањето на Скопје премиерот Димитар Ковачевски пропушти да каже од што и од кого е ослободено Скопје во 1944 година и кој го окупирал во 1941 година, денеска со соопштение се огласи ВМРО – Народна партија.
ВМРО – Народна е предводена од Љубчо Георгиевски, основач на ВМРО-ДПМНЕ, кој се залага во Уставот веднаш да бидат вметнати Бугарите без никакви предуслови.
Во честитката на оваа партија се вели: „ВМРО-Народна партија се приклучува кон честитките по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. На тој ден македонските партизани со помош на првата бугарска армија во тешка борба ги разбија германските и албанските фашисти кои во тој момент го држеле градот под контрола“.
Според историските факти и сведоштва, бугарските воени сили, кои во овој период, после капитулацијата на фашистичка Бугарија, се „прекомандувани“ во антифашистичката коалиција, не учествувале во ослободувањето на главниот град на Македонија.





