Долго очекуваната и посакувана борба меѓу австралискиот ултимејтфајтер од македонско потекло Александар „Велики“ Волкановски и Русинот Ислам Махачев конечно е договорена и ќе се случи на 11 февруари 2023 година во Перт!
По безмалку децениската доминација со 25 победи и само 1 пораз во перолесна категорија, Волкановски се префрла во лесна, каде што ќе го предизвика бранителот на титулата Махачев, кој ја освои минатиот месец во Абу Даби против Бразилецот Чарлс Оливеира, прекинувајќи му ја серијата од 11 победи.
Скорот на Махачев, долгогодишен спаринг-партнер на УФЦ-иконата Хабиб Нурмагомедов, е 23 победи и 1 пораз. Роден е во Махачкала, во руската република Дагестан, од каде што е и освојувачот на првиот олимписки медал за независна Македонија, борачот Могамед Ибрагимов, кој се закити со бронза во Сиднеј 2000.
Махачев беше светски првак и во самбо во 2016 година и е три години помлад од 34-годишниот Волкановски, како и 10 сантиметри повисок од Алек, кој е висок 168 см.
Љубителите на овој спорт со нетрпение ја очекуваат меѓусебната пресметка во кафезот и поради фактот што Волкановски e прв на pound-for-pound листата на УФЦ, а Махачев трет.






