Надоврзувајќи се на темата со значителниот прилив на Албанци во Велика Британија, кои на вчерашниот протест пред споменикот на Винстон Черчил во Лондон порачаа дека не се бандити ни крадци, британскиот весник „Дејли мејл“ пресмета дека албанските криминалци во затворите ја чинат државата 57 милиони фунти годишно.
До оваа сума весникот дојде со множење на 1.336 затворени Албанци со 42.670 фунти, колку што британските даночни обврзници плаќаат за еден затвореник годишно.
Далеку зад Албанците меѓу странците во британските затвори се Полјаците на второто место со 830, а трети се Романците со 752. Во топ-10 се уште Ирците со 632, Литванците со 414, Јамајчаните со 395, Пакистанците со 277, Сомалијците со 257, Португалците со 248 и Виетнамците со 236.
Бројот на албански затвореници рапидно се зголемил од 475 во 2015 година, преку 876 во 2019 до сегашните 1.336.
„Дејли мејл“ наведува и тајни документи според кои наркобосовите од Албанија се инфилтрирани на британските улици како илегални мигранти.






